Поддршка за резолуција против нуклеарна централа во Македонија
ДОМ – Демократската обнова на Македонија, заедно со невладините организации и граѓаните од Република Македонија, му предлага на Собранието да донесе резолуција против изградба на нуклеарна централа во нашата земја.
Во поддршка на оваа Резолуција се собираат потписи на сите јавни места низ Македонија, како и преку страницата отворена на Интернет.
***
Длабоко загрижени за здравјето и безбедната иднина на нашите граѓани, а имајќи го искуството од страотните последици од инцидентот во нуклеарната централа во Чернобил пред 25 години;
Силно сочуствувајќи со трагедијата на јапонскиот народ, кој се соочи со катастрофалните последици од силниот земјотрес, цунамито и серијата инциденти во нуклеарната централа во Фукушима;
Соочени со последиците од климатските промени, зголемениот број природни катастрофи, како и заканите од нуклеарната енергија што не демнат насекаде низ светот, а особено во сеизмички нестабилните региони, каков што е и Република Македонија;
Имајќи ја Конвенцијата на Обединетите Нации од Архус, 1998-та, како основна рамка за неопходноста од целосна транспарентност и вклучување на граѓаните и невладините организации во донесувањето одлуки поврзани со животната средина и здравјето на луѓето;
Свесни за реалните состојби со потребите на енергија во нашата земја, при ограничени ресурси на фосилни горива и сеуште недоволно искористени обновливи извори на енергија;
Повикувајќи се на Директивата на Европската Унија за промоција и употреба на енергија од обновливи извори од 2009-та;
Почитувајќи ги заложбите од Декларацијата на Балканската антинуклеарна коалиција од 2011-та за ослободување на Балканот и Југоисточна Европа од нуклеарни централи;
Собранието на Република Македонија ја донесува следнава
РЕЗОЛУЦИЈА
против изградба на нуклеарна централа во Република Македонија
Се задолжува Владата на Република Македонија, во соработка со експертската јавност, а со вклученост на граѓаните и невладините организации од нашата земја, за следново:
1) Стопирање на сите активности поврзани со изградба на нуклеарна централа во нашата земја и воспоставување траен мораториум за ова прашање;
2) Ревизија на Националната стратегија за енергетика, со бришење на плановите за нуклеарна енергија и фокусирање на обновливи извори на енергија – вода, сонце, ветар, биомаса и геотерми;
3) Насочување на потребните буџетски средства за истражување, субвенционирање и примена на обновливите извори на енергија, со цел постепено да ги заменат фосилните горива;
4) Користење на постоечките европски и светски зелени фондови и кредитни линии со ниски каматни стапки, за примена на обновливи извори на енергија и зголемување на енергетската ефикасност на објектите;
5) Блиска соработка и поврзување со земјите од регионот и пошироко, во насока на градење стабилен и одржлив енергетски пазар, со зачувување на животната средина и гарантирање на безбедноста, здравјето и иднината на сегашните и идни поколенија.
Скопје, 31 март 2011 година
Democratic Renewal of Macedonia - DOM Contact the author of the petition
Announcement from the administrator of this websiteWe have closed this petition and we have removed signatories' personal information.European Union's General Data Protection Regulation (GDPR) requires a legitimate reason for storing personal information and that the information be stored for the shortest time possible. |